Која е разликата помеѓу Канада, САД, Обединетото Кралство, Ирска и Австралија – земји каде англискиот е официјален јазик?
Во продолжение се истакнуваат некои важни информации за овие земји, вклучително, но не ограничувајќи се на – политиката, валутата, мотото и кујната, како и популарните знаменитости што се препорачува да се посетат.
Обединето Кралство Велика Британија и Северна Ирска
Население: 67 милиони
Главен град: Лондон
Политички систем: Парламентарна монархија
Валута: британска фунта
Мото: “Бог и моето право” (God and my right - Dieu et mon droit)
Често кога зборуваме за Обединетото Кралство (ОК), погрешно ја нарекуваме земјата Велика Британија или едноставно Англија. Обединетото Кралство се состои од четири земји. Три од нив се распослани на островот Велика Британија – Англија, Шкотска и Велс; а Северна Ирска е четвртата земја. Обединетото Кралство ја напушти Европската Унија во 2020 година. Веќе 70 години земјата симболично е под водство на кралицата Елизабета Втора, но во пракса – земјата ја предводи премиерот кој има поддршка од Парламентот.
Некои од најпознатите атракции се Стоунхенџ, Биг Бен, Лондонската кула и Бакингемската палата, како и бројни други замоци и карпи. Луѓето кои живеат во ОК го сакаат својот обилен англиски појадок, риба и пржени компири, како и црн чај со млеко.
Ирска
Население: 5 милиони
Главен град: Даблин
Политички систем: Парламентарна република
Валута: евра
Мото: /
Ирска не треба да се меша со Северна Ирска којашто припаѓа на Обединетото Кралство. Ирска е дел од Европската Унија од 1973 година и вклучува 26 од 32 окрузи (изразот не треба да се меша со земји) распослани на островот Ирска. Се нарекува зелен остров бидејќи има многу тревни површини. На чело на земјата е премиерот кој го назначува претседателот доколку има доволно поддршка во парламентот.
Најинтересните градови за туристите се Даблин и Килкени, заедно со бројните карпи и национални паркови, како и музејот Титаник. Популарните јадења се состојат од месо, млечни производи, зеленчук и морска храна. Тие се познати по нивниот појадок во англиски стил, темното гинисово пиво, но и ирското виски.
Канада
Население: 38 милиони
Главен град: Отава
Политички систем: Уставна монархија
Валута: канадски долар
Мото: „Од море до море“ (From sea to sea - A mari usque ad mare)
Канада е најсеверната земја во Северна Америка и втора по големина земја според површина. Како резултат на тоа, поседува многу природни ресурси како што се јаглен, нафта, природен гас и вода. Официјални јазици се англискиот и францускиот – така што има голема заедница што зборува француски јазик.
На хартија, земјата е под јурисдикција на британската кралица Елизабета Втора, но нејзиниот канадски претставник ги извршува функциите. Во пракса, земјата ја води премиерот. Туристите најчесто ги посетуваат градовите Ванкувер, Викторија, Калгари, Торонто (со кулата Toronto One), Монтреал, Отава и Квебек, многу национални паркови, како и Нијагарините водопади. Тие се на границата и се делат со Соединетите Американски Држави.
Меѓу попопуларните и попрепознатливите кулинарски специјалитети се путинот (помфрит со урда покриен со кафен сос) и јаворов сируп. На канадското знаме има јаворов лист.
Австралија
Население: 26 милиони
Главен град: Канбера
Политички систем: Федерална парламентарна демократија под Уставна монархија
Валута: австралиски долар
Мото: /
Австралија е името на најмалиот континент во светот, но во исто време е шестата по големина земја во светот според површината, иако е најизолирана и најоддалечена од другите земји. Поради ова, позната е по животни коишто ги нема никаде на друго место во светот како што се: кенгурите, коалите, клунарите и емуите. Таму растат и некои посебни растенија, како што е еукалиптусот. Австралија исто така изобилува со природни ресурси како што се железо, злато, сребро, бакар, јаглен и нафта и е најголем извозник на волна во однос на количина.
На хартија, земјата е под јурисдикција на кралицата Елизабета Втора, но нејзините функции ги извршува нејзиниот австралиски претставник. Во пракса, земјата ја води премиерот
Изобилува со природни атракции како што се Улуру, Големиот корален гребен и пирамидата на Бол – остатоци од вулкан којшто сега е остров во Тихиот Океан. Туристите сакаат да ја посетуваат и операта во Сиднеј. Австралијците немаат посебна кујна – повеќето јадења се позајмени од Британците и од Ирците, како што се рибини прсти, помфрит и пита со месо. Австралијците го сакаат своето вино и го извезуваат.
Соединетите Американски Држави
Население: 332 милиони
Главен град: Вашингтон
Политички систем: Сојузна уставна република
Валута: американски долар
Мото: „Во Бог веруваме“ (In God We Trust)
САД е федерална република во Северна Америка којашто е сочинета од 50 држави. Земјата се смета за светска суперсила во поглед на економијата, војската, науката и политиката. Таа е меѓу основачките членки на Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Обединетите нации и НАТО. Земјата е предводена од претседател како претставник на извршната власт. Конгресот (законодавната гранка) и Врховниот суд (судската гранка) работат заедно со претседателот (извршна власт). Овие три гранки ја сочинуваат американската влада.
Најпознатите знаменитости во САД се Тајмс Сквер, Статуата на слободата, Белата куќа, Нијагарините водопади, Големиот Кањон и други национални паркови. Американците сакаат да уживаат во типична американска скара, брза храна и пита со јаболка.
***
Оригиналната верзија на овој напис е објавена на 5 мај 2022 година.