Името Ендрју Тејт се појавува од неодамна, но не сум слушнал ништо за него пред декември.
Тој веќе стана озлогласен на крајот на летото кога социјалните мрежи почнаа да му ги затвораат вратите. Причината се неговите екстремни објави. Ова беше далеку од најдраматичната вест за летото, па некако ми избега.
Меѓутоа, последниве недели насекаде »се сопнувам« од него. Постојано е присутен во медиумите:
- поради спорот со Грета Тунберг ;
- затоа што бил уапсен од романската полиција под сомнение за трговија со луѓе, силување и организирање на криминална група;
- затоа што неговите следбеници се убедени дека тој е жртва на заговор;
- затоа што загрижените родители на неговите фанови се појавуваат во медиумите; или
- затоа што експертите предупредуваат на можноста за развој на нов тероризам – овој пат мизогинија.
Дополнително, се поставуваат прашања од загрижените родители, дури и во Словенија, кои забележуваат дека Тејт има силно влијание врз нивните тинејџери.
Овие прашања се наметнуваат, меѓу другото, и поради неговата минатогодишна посета на Словенија каде што момчињата можеа лично да се восхитуваат на еден од неговите престижни автомобили.
Кој е Тејт, како станал толку влијателен и зошто ова влијание е толку проблематично?
Тој е богат човек, поранешен кикбоксер и ѕвезда на реално шоу, кој беше исфрлен кога се појави снимка на којашто тој физички напаѓа жена.
Тој е вклучен во многу работи, но во моментот се наоѓа во романски притвор. Но, особено би го истакнал неговиот Hustler University, платена платформа којашто на корисниците им нуди образование за заработување брзи пари и запознавање.
Како се шират неговите пораки?
Платформата има глобално влијание врз тинејџерите и врз младите мажи. Дополнително, до минатото лето им дозволуваше на следбениците да заработуваат провизии преку регрутирање нови членови.
Со тоа снимките станаа вирални. Во нив тој тврдеше дека жените се машка сопственост; дека жртвите на силување самите се виновни што биле силувани. Тој зборуваше и за тепање и давење жени, уништување на нивните работи и држење зад затворени врати.
Во едно видео, на пример, тој објаснува како ќе се справи со жена која го обвинува за изневерување: “Удар со мачета, бум во лицето, а ти ја фаќаш за врат. Ќути кучко!”
Во едно интервјуто со еден истомисленик на Јутјуб, тој вели дека е “тотален мизогонист”, додавајќи: “Јас сум реалист, а кога си реалист, тогаш си сексист. Нема шанси да бидете присутни во реалноста и да не бидете сексисти”.
Во истото видео тој ги опишува жените како “мрзливи по природа« и вели дека »не постојат независни жени”.
Како стекнува следбеници?
Следбениците беа охрабрувани систематски да ја шират пораката на наставникот – за да го направат тоа имаа јасни упатства. На пример, една од нив беше дека охрабрувачките “коментари и контроверзии” се клучот за успехот на TikTok.
Тој додава: “Идеално, сакате мешавина од 60-70% фанови и 40-30% луѓе кои ве мразат. Сакате борби, сакате војна”.
На крајот на август, провајдерот преку којшто се вршеа плаќања за стекнување нови членови на платформата го блокираше овој бизнис. Беше оценето дека ова е несомнено класична пирамидална шема кадешто средствата течат од дното на пирамидата кон врвот. Но, џинот веќе беше излезен надвор од шишето уште пред тоа да се случи.
Зошто Тејт, со својата омраза кон жените, е толку привлечен за младите мажи?
Сака да зборува за неговите напорни денови и за тоа како дошол до слава и богатство. Сака да објаснува дека тоа е остварливо за секого, но само со правилен начин на размислување. Тој нуди план каде објаснува како, чекор-по-чекор, да се збогатите, и како да ги искористите и да ги надминете оние кои ве задржуваат на патот – жените.
Пред сѐ, им дава вистински непријател и на тој начин ги поврзува со глобална заедница на истомисленици. Ова е заедница којашто ги привлекува другите – или како што би рекол познатиот словенечки пенолог Драган Петровец – “омразата е најобединувачката емоција, а не љубовта”.
Како реагираат социјалните мрежи на тоа?
Минатата година профилите на Тејт беа затворени на сите големи социјални мрежи поради изјави со омраза. До неодамна беше блокиран и на Твитер. Кога Твитер ја пренесе сопственоста, како што се очекуваше, неговиот профил беше повторно активиран. Кога медиумите по неговото апсење се обратија до Твитер, оттаму не одговориja со коментар за случајот.
Тејт моментално е во притвор. Но, дури и да биде осуден, тоа нема да го намали неговото влијание врз несигурните млади мажи.
Тејт им нуди јасни одговори на нивните прашања за тоа како да се движат по својот пат во овој променлив свет и на кого да се огледуваат. Пред сè, им нуди многу едноставен одговор на вечното прашање: “Кој е виновен за сите мои проблеми?”
Дури и нашите сопствени тинејџери бараат брзи и лесни одговори. Откако ќе ги најдат на интернет, ќе ни биде тешко да ги убедиме дека грешат.
***
Оригиналната верзија на овој напис е објавена на 14 јануари 2023.